Започна новата учебна година, првачињата свечено пречекани

Свечено пречекани првачињата во кумановските училишта.

Во ООУ „Кочо Рацин“, освен родителите и наставниците, топло добредојде им посака и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

„137 првачиња во „Кочо Рацин“, 970 во цело Куманово. Првично, да ви посакам здравје, вам и на родителите, успех и нека е среќен почетокот на учебната година, да донесе во секое семејство нови знаења. Знам дека првачињата сега тргнуваат, а родителите се тие кои што ќе учат, јас го поминав тоа, а вас ве очекува. Посакувам успех и за нашиот град и за нашите училишта и за нашата држава, а тие секојдневно да добиваат нови знаења и еден ден да бидат луѓето кои што ќе го водат и овој град и оваа држава“, рече Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово

Пред присутните се обрати и директорката на училиштето Галаба Давчевска.

„Ние, учителите, наставниците посветено и со голема љубов работиме на воспитување и образување на вашите деца и се радуваме на сите нивни остварувања. Негуваме здрави односи низ другарување и тимска работа и секојдневно надминуваме различни предизвици создавајќи атмосфера за среќен раст и развој на децата“, рече Галаба Давчевска, директор на ООУ „Кочо Рацин“

Свеченоста по повод првиот училишен ден во новата учебна година беше збогатена со сценско-музички настап од поголемите ученици кои, исто така им посакаа топол и среќен почеток во учебната година.

Коментари

коментар(и)