Во аптеките низ земјава од денеска се достапни деветте нови генерички лекови кои се додадени на позитивната листа. Меѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција.
Проширувањето беше најавено уште во август, кога министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека на листата се додадени 9 нови генерички лекови, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Лековите што се најдоа на позитивната листа се со генеричко име Prasugrel и Ticagrelor (за крвни болести и против згрутчување на крвта), Nebivolol, Perindopril, Valsartan и Fenofibrate за висок крвен притисок и Escitalopram, Mementine и Duloxetine за третман на депресија и деменција. Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство.