Канализациска мрежа и асфалтирани улици ќе добијат граѓаните на Средорек, најави вчера министерот без ресор, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Аксел Ахмедовски, при посетата на населеното место. Реконструкцијата ќе започне наскоро зависно од временските услови, можно е и во текот на месецов, вели Ахмедовски. Средствата се процесуирани преку Министерството за финансии, рече министерот, по што ќе бидат пренасочени кон општината.
-Тоа се средства обезбедени од Владата на РМ поточно од министерството за транспорт и врски а согласно Стратегијата за Роми. Се работи за износ од 3.200.000 денари , така што мислам дека овој повеќегодишен проблем ќе биде саниран. И оттука мислам дека тоа е доказ дека Владата навистина е посветена по однос на подобрувањето на состојбата на Ромите од оваа област, изјави Аксел Ахмедовски, министер без ресор
Министерот Ахмедовски ја потенцираше и добрата соработка со Општина Куманово.
-До крајот на годината ќе бидат определени дополнителни средства преку Министерството за локална самоуправа, наменети за спроведување на мерките опфатени во акцискиот план од повеќе области од Стратегијата за Ромите. Општина Куманово ќе одлучи за каде ќе бидат наменети средствата, по утврдените приоритети, по претходен договор , изјави Ахмедовски.
Во врска со дивоградбите во Средорек, министерот Ахмедовски рече дека прават напори во соработка и со невладините организации и Владата, проблемот со легализација на диво изградените објекти да биде надминат.