Бесплатен влез за пожарникарите на МТФ „Денови на комедија 2024“
Националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе им овозможи на пожарникарите од Куманово и Старо Нагоричане бесплатен влез за фестивалот „Денови на комедија 2024“, информираа надлежните од центарот.
„Донесовме таква одлука која ќе се финализира кон крајот на месец август и сигурни сме дека ќе има интерес од територијалните противпожарни единици од Куманово и Старо Нагоричане. Тоа е гест на добра волја, ние како центар за култура толку можеме да помогнеме во оваа состојба, изјави директорот Сашо Тодоровски.
Билетите ќе може да се подигнат кога ќе започне продажбата на истите во втората половина од месец септември.
За потсетување, овогодишен лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ – Куманово е актерот Сашко Коцев. Тој ќе ја добие наградата „Васил Иљоски“, која се доделува за особен придонес во театарската уметност.
Изминатите шест години лауреати на фестивалот беа Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски, Стојна Костовска, Благоја Чоревски и Коле Ангеловски. Оваа 2024 година Советот на фестивалот одлучи наградата „Васил Иљоски“ да ја добие нашиот актер Сашко Коцев.