(ВИДЕО) Засадени 16 хризантеми по повод „16 денови активизам“

16 портокалови цветови во знак на „16 денови активизам против родово базирано насилство“ денеска засадија претставнички на граѓанските организации поддржани од советничките на Советот на општина Куманово. Активноста е дел од Националната кампања против насилство врз жените и девојките. Целта е да се подигне свеста да не се прикриваат жртвите на семејно насилство, да се потенцира дека освен физичкото насилство, постојат и психичкото и сексуалното, форми на насилство кои се многу потешки за лекување и кои имплицираат и други жртви на насилство, вели Оливера Трајковска од граѓанската организација „Биди своја“ , која е всушност  иницијатор на денешната активност.

-Ова е првата активност, потоа следува трибина насловена  „Невидливата страна на насилството“ со поддршка на советничките, со цел да ги актуелизираме овие прашања, но и малку да ги раздвижиме институциите во однос на тоа да ја подигнат и тие свеста, да ја подигнат својата мобилност и да реагираат, а не само во случаи кога има семејни насилства кои што завршуваат фатално, туку прво да превенираме, да одредиме форми на превенција, да се воспостават сервиси преку кои таа превенција ќе се врши и како крајна цел на оваа кампања и се надевам дека со овој состав на советнички ќе успееме во рок од 4 години да дојдеме до крајната цел да се отвори еден шелтер центар бидејќи во Куманово со толкав голем број на жители, нема. До статитистичките податоци за бројот на жртвите на семејно насилство  многу тешко се доаѓа, бидејќи институциите во овој момент малку ги заобиколуваат податоците или можеби немаат точна евиденција на самите жртви бидејќи тој дел повеќе го работи граѓанскиот сектор. Би требало да се воспостави еден линк помеѓу граѓанските организации кои работат на оваа проблематика и институциите, Центарот за социјална работа и МВР, меѓутоа и таму и таму линкот некако недостасува и затоа е потребно формирање на сервиси кои што ќе функционираат во состав на општината и ќе бидат официјални кои ќе си ја вршат таа работа за да може тој линк да биде квалитетен, изјави Оливера Трајковска, ГО „Биди своја“ .

На трибината освен граѓанските организации и советничките ќе присуствуваат и претставници на Центарот за социјална работа и полицијата кои ќе ги презентираат податоците со кои што располагаат за семејното насилство, а ќе се покрене и иницијатива за идна заедничка соработка со граѓанскиот сектор.