Претставници на боречката организација, општина Куманово, Советот, Армијата, деца од градинката „Ангел Шајче“ денеска положија свежо цвеќе пред споменикот во бавчата на Денко Цеков, таткото на првоборецот Јордан Цеков Дане, место од каде се излезени седум партизани сметани како јадро на формирање на првиот кумановско-партизански одред. На овој начин општинската организација на Сојузот на борци од Куманово ја одбележа 79-годишнината од излегувањето на првите кумановски партизани, борци од НОБ.
За значењето на 26 јуни, од името на Сојузот на борци од Куманово пред присутните говореше Зора Ивановска, порачувајќи дека ваквите настани не смеат да се заборават.
– Во јуни 1943 година заедно со Панче Пешев и Христијан Тодоровски Карпош, Јордан Цеков Дане е организатор на јадрото од 11 партизани кои на 26 јуни вечерта излегоа од градот и пристапија во Вториот јужно-моравски партизански одред. Во јули јадрото се зголеми на 18 партизани и на втори август 1943 се формира кумановскиот партизански одред под команда на Христијан Тодоровски Карпош. Одредот е создаден на 26 јуни 1943 година во селото Пелинце. Формиран е од 11 члена на Комунистичка партија на Југославија и на Сојузот на комунисти на Македонија во Куманово. Една група се вклучува во редовите на Вториот јужноморавски народноослободителен партизански одред кај селото Братоселце, другата група на 4 и 5 јули 1943 година врши напад на железничката линија северно од селото Букаревац, рече Ивановска.
„Подоцна на втори август 1943 година од овие две групи е формиран Кумановскиот одред. Командир е Христијан Тодоровски Карпош. На 10 октомври одредот е преименуван во скопско-кумановски одред и е разделен во две чети, првата дејствува во реоното Куманово, Кратово, Крива Паланка, а втората во Скопска Црна Гора“, дополнува Ивановска.
-Кумановската партиска организација доследна на револуционерната традиција на Куманово знаеше да ја искористи историската шанса и да стане организатор и раководител на востанието и борбата против окупаторот во кумановскиот крај. Акциите на првите кумановски партизански одреди беа потврда за постоење објективни услови за развојот на народноослободителното движење во Македонија. Денеска кога живееме во самостојна РСМ должни сме да ја кажеме вистината дека борците од 1943, како и сите учесници во НОБ дадоа драгоцен придонес во трасирање на патиштата за слободна македонската држава. Тое е единствената вистина што ќе треба да ја запаметат сегашните и идните генерации, рече Зора Ивановска од Сојузот на борци Куманово
Истовремено, делегација од Сојузот на борци од Куманово положи свежо цвеќе и во бавчата на Ангел Тодоровски, таткото на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош, во населбата Бедиње.