(ВИДЕО) Подобрени правата и услугите за лицата со попреченост

Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово кој како институција работи на обезбедување на правата и услугите за лицата со попреченост согласно Законот за социјална заштита и Законот за заштита на децата, по повод 3-ти Декември, информира дека правото на посебен додаток го остваруваат 446 деца до 26 годишна возраст од кои најголемиот број 175 се со комбинирани пречки во развојот, 120 се хронично болни деца,  52 се со тешка и најтешка телесна инвалидност, а со умерена интелектуална попреченост правото го користат 57 деца. Месечниот износ на правото на посебен додаток изнесува 7.798 денари за децата од семејства на самохран родител, 6.498 денари за децата од семејства кои се корисници на гараниран минимален приход и 5.199 денари за децата од семејства кои не се во социјален ризик.

По навршување на 26-годишна возраст лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост и лицата со потешка и најтешка телесна попреченост остваруваат право на надоместок за помош и нега од друго лице.

Вкупно 672 лица остваруваат надоместок заради попреченост ,  право кое може да го оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст. За лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица месечниот надомест изнесува 7.349 денари, додека за потполно глуво лице  4.200 денари.

Во рамките на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа работи и Дневниот центар за лица со посебни потреби во кој со решение на центарот правото на дневен престој го остваруваат 24 деца.

Од септември годинава започна со работа и Центарот за дневен престој за лица со попреченост во с.Оризаре, Општина Липково кој е прв проект кој се реализира во соработка со Општина Липково, овластен давател на услугата НВО „Имаго Плус“ и Центарот за социјална работа.

Услугата лична асистенција успешно се реализира од 2018-та со НВО „Инклузива“ и Црвениот крст Куманово и истата опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 18 до 65 годишна возраст со потешка и најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица која ја добиваат од лиценцирани асистенти до 80 часа месечно за помош и поддршка во вршење основни инструментални активности од секојдневниот живот, помош и поддршка на работното место, образовните институции и други активности. Со измени во законот оваа услуга можат да ја користат и децата над 8 годишна возраст. Вкупно 18 лица ја користат оваа услуга.

Со процесот на деинституционализација лицата со интелектуална попреченост кои беа сместени во Заводот во Демир Капија сега користат други форми на сместување како живеење со поддршка во мали станбени заедници со што во голема мера им се обезбедени најсовремени услови за живеење и рехабилитација, посочуваат од јавната установа.

Меѓуопштинкиот центар кој ги опфаќа Куманово, Липково и Старо Нагоричаене,  продолжува со посветената работа во водењето грижа за сите лица со попреченост преку информирање и упатување, советување, стручна помош и поддршка за остварување на сите права и услуги согласно позитивните законски прописи.

Коментари

коментар(и)