(ВИДЕО) Дел од потрошувачите се откажаа од затоплување на гас

Библиотеката „Тане Георгиевски“, домот за стари лица „Зафир Сајто“, градинките „Развигорче“ и „Синоличка“, се меѓу поголемите објекти кои веќе не користат гас за затоплување, откако цената на природниот енергенс се зголеми за повеќе од двеста проценти, односно од 30 на 80 денари за метар  кубен за потрошувачите, информираше денеска новоназначениот директор на ЈП „Куманово-гас“, Марко Митровски. Најави за откажување од користењето на гас има и од гимназијата „Гоце Делчев“, а болницата распишала тендер за снабдување со гас, но, во меѓувреме го повлекла. Од затоплување на гас се откажале и неколку домаќинства, посочува Митровски.

– За месец јануари бидејќи имаше големо покачување, ни најавија од Пром гас, компанијата која ни е снабдувач дека ќе има покачување, цената кон нас е 75 денари по метар кубен, има доволни количини, за сега се снаоѓаме, уште на почетокот на месец декември склучен е договор со снабдувачот за месец јануари каде што беше побарано од наша страна некаде околу 140.000 метри кубни гас за месец јануари. Со оглед на настанатата криза во цела Европа така и кај нас, ние добивме за користење 93.000 метри кубни гас, тоа е некаде околу 3.000 кубици по ден. Болницата пред некој ден распиша тендер за снабдување со гас, меѓутоа нешто го повлекоа, не знаеме што е, ни стигна дојава од Биро за јавни набавки, други поголеми кои веќе имаат почнато процедура во фаза на проектна документација се ОУ „Карпош“ во центарот на градот, детска градинка „ Пчелка“, центар за социјални работи, Театар, тоа се проекти кои треба во скоро време да бидат наши приклучоци. Планот за 2022 година е да дојдеме со гасоводната мрежа до ОУ „Толи Зордумис“, средно техничко училиште „Наце Буѓони“, касапски круг, полициска станица, индустриска зона Доброшане, изјави Марко Митровски, в.д. директор на ЈП „Куманово -гас“

Надлежните најавуваат проширување на гасификационата мрежа на повеќе улици во градот. Претпријатието, според директорот,  е во стабилна финансиска состојба.

-Во стабилна финансиска состојба е претпријатието. Сега имаме мал проблем заради големото поскапување на гасот, реално ние фактурите од декември месец ги наплатуваме по старата цена, новата цена ја наплаќаме по 75 денари, има голема разлика, гасот го купуваме авансно, мислам дека ќе излеземе на крај. Прво и основно од добиените информации од општината треба да добиеме сопствен багер, ровокопач и камион, до сега сите работи ги изведуваме со подизведувачи. Планираме во наредниот период, ако ја добиеме таа помош да се екипираме и со кадар и да почнеме сами да ја вршиме таа обврска. Најави за стабилизирање на цената до крајот на оваа грејна сезона до март за сега, нема. Ќе има проширување на гасификационата мрежа на повеќе улици, дел од нив се, дел од „Трета МУБ“ ги опфаќа улиците „Перо Шварц“, „Тонко Димов“, „Ѓуро Ѓаковиќ“, „Народна револуција“, „Косовски бригади“, населба Гоце Делчев – „Драган Стопаревиќ“, „Тоде Думба“, Октомвриска револуција, „Сава Ковачевиќ“, „11 Октомври“.

Приклучокот на гасификационата мрежа чини 800 евра, од кои 15.000 денари субвенционира општината. Досега има приклучено 90 приватни субјекти и 26 правни лица. Надлежните се надеваат дека болницата ќе биде следниот и еден од најголемите потрошувачи на гас во Куманово.

Новиот директор Митровски е дипломиран машински инженер на универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Професионалната кариера ја започнал во 2010-та година во приватна компанија, а од 2015-та е вработен во МЕПСО како инженер во служба за одржување на трансформаторски станици под висок напон.

Митровски е првиот назначен директор на јавно претпријатие кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно функцијата в.д директор на „Куманово -гас“ ја извршуваше Никола Денковски од СДСМ.

 

Коментари

коментар(и)