(ВИДЕО) Обичаите поврзани со Василица исчезнуваат

Православните верници денеска го слават споменот на Свети Василиј Велики, а воедно го празнуваат  и почетокот на новата година по Јулијанскиот календар, но и празникот Обрезание Господово. Со празникот Василица се поврзуваат повеќе обичаи кои се практикувале во минатото во Куманово, но, денеска најголем дел од нив се исчезнати. Единствено етнолозите преку документирање со фотографии и видеозаписи и преку презентирање на јавноста се обидуваат да ги зачуваат од заборав, вели Фросина Лазаревска од НУ Музеј Куманово.

Лазаревска говорејќи за 14 јануари како датум кој нашите предци го славеле како премин од старата во новата година, потсетува на неколку обреди во кои учествувале и жените и децата и мажите подеднакво секој со своите карактеристики, мажите со јачината да ги заплашат злите духови, децата со невиноста на душата да го прочистат домот од лоши работи од старата за премин во новата година и жените со вредните раце како хранителки на семејството.

-Што се однесува до децата имаме запис односно сознанија од некои луѓе кои раскажувале своевремено дека во Куманово учителите оделе со децата по куќи и пееле една песничка „Нова година, нов живот“. Домаќините децата ги дарувале со леблебија, мекици, коцки шеќер, а децата внесувале една нова убава енергија за почеток на новата година. Мажите тука се докажувале преку една џамаларска игра и до пред Втората светска војна секое село во кумановско практикувало на овој ден такви џамаларии, се облекувале во страшна облека, во кожји глави од животно, се мачкале со саѓе црно, тоа е всушност некоја симболика на здравјето, ги мачкале и домаќините, друга симболика на желба за подобро здравје во идната година е и стапот кој го правеле од дреново дрво, затоа и поговорката „здрав како дрен“, потоа прапорците, звукот на прапорците колку е појак звукот на прапорците толку повеќе ќе има плодност на нивите, меѓу добитокот, така штпо овие обичаи се провлекувале се до пред година, две, каде што само во селото Орашец останаа овие игри, меѓутоа ги контактиравме и тие ни рекоа сега заради миграција село- град и заради миграција во странство не можани оваа година да соберат доволно луѓе за да ги подготват џамаларите за својата игра и маскирања, изјави Фросина Лазаревска, НУ Музеј Куманово

Еден од обичаите кој останал да се практикува и во денешно време е подготовка на качамак или топеница со пченкарно брашно и со месни производи.

-Симболиката тука е пченката и пченицата како основното за егзистениција на едно семејство и тоа морало да се најде на трпезата за овој премин од една во друга година за да може идната година да носи барем егзистенција за тоа семејство. Вредните раце на домаќинката го приготвувале качамакот на овој ден со сите оние продукти кои ќе се најдат дома, месо, сирење, овошје. Единствено тој од обредните активности останал и карактеристично што е, што се однесува до религијата, затоа и денот е Василица, василопитата која во одредени делови на Македонија повеќе се практикува, кај нас во Куманово паричката се става во лепчето за време на Бадник. Кога зборуваме за магиски ритуали, мора да кажеме дека тие влечат корени уште многу длабоко во минатото, така што можеме слободно да кажеме дека во праисторијата постојат старобалкански култови, култот на предците, култот на мртвите….

Етнолозите велат дека обичаите за празниците се дел од духовната култура и дел од традиционалното народно творештво.

 

 

Коментари

коментар(и)