ВИДЕО: Општината финансиски ќе поддржи нови социјални услуги

Зголемена е потребата од воспоставување на нови социјални услуги согласно интересите на граѓаните во локалната заедница заради што општина Куманово годинава финансиски ќе поддржи пет здруженија и други правни лица кои што вршат работи од социјална заштита. Услугите што ги нудат здруженијата и организациите се бесплатни, со кои општината ќе потпише поединечни договори во однос на обврските кои треба да ги исполнат двете страни, а имаат и обврска до крајот на годината да се лиценцираат.

-Согласно истражувањата што ги направи секторот за потребите за Социјалниот план заедно со невладините организации, советникот за млади, центарот за социјални работи и сите други инволвирани страни, дојдовме до заклучок дека се потребни нови социјални услуги и согласно заради тоа финансиска помош и поддршка во подготовка и воспоставување на нови или иновативни социјални услуги на територија на општина Куманово пропишани во Законот за социјална заштита и тоа:

–           услуги на информирање и упатување;

–           услуги на стручна помош и поддршка;

–           услуги на советување;

–           услуги во домот;

–           услуги во заедницата;

– услуги за вон-семејна заштита,

подготовка на документација за лиценцирање на веќе воспоставени социјални услуги на територија на општина Куманово и други работи од областа на социјалната заштита кои се од големо значење за граѓаните на општината а опфаќаат низа мерки и активности заради остварување и унапредување на социјалната заштита на локално ниво, изјави Александар Крстевски, раководител на Сектор за социјална заштита во општина Куманово.

„Порака наша“, здружението „Инклузива“, Црвен крст Куманово, хуманитарното здружение „Мајка“ и центарот за ромска заедница ДРОМ се петте здруженија и организации кои врз основа на своите проекти од областа на социјална заштита и услуги ќе добијат финансиски средства од општинскиот буџет.

Според раководителот на Секторот за социјална заштирта во општина Куманово, Александар  Крстевски, „Порака наша“ аплицирала со новата социјална услуга за рехабилитација и реинтеграција на лица со умерена и тешка попреченост над 18 годишна возраст, додека пак, здружението „Инклузива“  аплицирало за воспоставување на новата социјална услуга- Центар за индивидуални дневни услуги за деца со попреченост од општина Куманово и опрема на училиштата ( сензорни соби). Таа услуга вклучува индивидуални третмани со децата од страна на стручни лица: дефектолог, логопед, психолог, информира  раководителот Крстевски.

-Потребата од развој на оваа услуга произлезе од истражувањето што здружението Инклузива го спроведе минатата година, испитувајќи ги проблемите со кои се среќаваат  и потребата од развој на социјални услуги на голем број на лица со попреченост на територија на Општина Куманово.

-Црвен крст Куманово– аплицираше со услугата за грижа на стари лица во домашни услови. Тие исто така вршат и обука за негователи на стари лица со сопствени средства па на тој начин нема да имаат проблеми при ангажирање  на лица/негователи за спроведување на оваа услуга

-хуманитарно здружение „Мајка“ – аплицираше за обезбедување на оддржливост во функционирањето на Советувалиштето за жртви на родовобазирано и семејно насилство „Конфорт зона за жени“. Советувалиштето беше отворено минатата година преку програмата RELOAD, финансиски поддржана од страна на УНДП и Општината.

-центар за ромска заедница ДРОМ– аплицираше со услугата Центар за заедницата за поддршка на децата на улица. Оваа услуга опфаќа тргање на децата од улица и нивно неколку часовно згрижување во овој центар каде што ќе се работи со нив на стекнување на хигиенски навики, вклучување во образовниот процес, писување на домашно и така натаму.  Станува збор за децата кои секојдневно ги гледаме на раскрсниците како питачат, децата кои злоупотребуваат психотропни супстанции, децата кои подолг период од денот престојуваат во напуштени објекти подложни на секаков вид на експлоатација и други. Исто така, сакам да напоменам дека невладината организација „Порака наша“ веќе е лиценцирана, а во фаза на добивање на лиценца се Црвен Крст, „Инклузива“ и „Мајка“ и во подготовка на документација е невладината „ДРОМ„ , изјави Крстевски.

За проекти за нови социјални услуги општина Куманово одвои три милиони денари.

Според одлуката на Комисијата за социјална, детска и здравствена заштита  најмногу средства во висина од 1,4 милиони денари се предвидени за работа на „Порака наша“, 800 илјади денари за „Инклузива“,  по 300 илјади денари за Црвен крст Куманово и за „ДРОМ“ , а за хуманитарното здружение „Мајка“ одвоени се 200 илјади денари.

Коментари

коментар(и)