ВИДЕО: „Побезбеден“ – проект за превенција на врсничко насилство

Во ООУ „Христијан Карпош“ од минатиот месец, наставникот – ментор, Даниела Стојановска, со дел од своите ученици, го реализира проектот „ПОБЕЗБЕДЕН“ – Социјални компетенции и фундаментални права за спречување на врсничко насилство (булинг). Проектот е под покровителство на Центарот за интеркултурен дијалог, партнер во Ерасмус+ програмата: Социјална инклузија и заеднички вредности: придонес во област на образование и обука, на Европската Унија.

Во рамки на проектот, со учениците се работи на унапредување на педагошкиот пристап во борба против феноменот на булинг, под слоганот: „БИДИ ХЕРОЈ КОЈ ГАРАНТИРА ДЕКА НИКОЈ ВО УЧИЛИШТЕ НЕ МАЛТРЕТИРА“. Училишниот координатор на проектот, Даниела Стојановска, истакна дека градење и реализирање на методолошки пристап за разрешување на проблеми кои ги имаат учениците е исконски сложен и обемен процес.

„Но, тоа не треба да не обесхрабрува нас возрасните да ги направиме првите чекори кон воспоставување систем на вредности и политики во справување со врсничко насилство“, посочува Стојановска.

„Во време кога достапните статистиките говорат за тоа дека 32% од учениците во земјите на ЕУ биле малтретирани на некој начин од нивните врсници, во еден или повеќе денови од изминатиот месец и кога сведоштвата за немилите настани од соседството наметнаа жестока полемика по прашањето:„Кој и колку е виновен?“, ние направивме избор и наместо да полемизираме, одлучивме да делуваме превентивно, за: „Секој ученик во нашето училиште да биде херој кој ќе гарантира дека во училиштето никој нема да малтретира.“ Имено, во училиштето се главните активности, тоа е основната средина можеби во која што се случуваат ученичките живеења и случувањата на врсничките групи и заради тоа училиштето ја има и клучната улога во развој и унапредување на менталното и емоционалното здравје на учениците. Но, мора да бидеме свесни, тоа сакаме да го наметнеме на пошироката социјална и општествена средина дека училиштето не е единствената средина во која функционираат, живеат и имаат свои доживувања врсничките групи. Тие го имаат своето место под сонцето и на улица, на трибини на спортски терени, во домот, но особено значајно што го имаат своето место во последно време е на интернет. Заради тоа, сметам дека мора делувањето да биде синхронизирано од сите чинители, од сите структури кои што го чинат образовниот систем, не само учениците, не само наставниците, туку тука се и родителите, но и институционално чинителите кои што се одговорни за правилен раст и развој на децата од училишна возраст, рече Даниела Стојановска, училишен координатор на проектот

Според Стојановска, основниот концепт на проектот е воспоставување на методолошки пристап и интерактивна работа со учениците.

-Нашите работилници се насочени кон интеракција за стекнување на знаења и унапредување на вештините за препознавање и спречување на врсничко насилство познато под општо прифатениот поим булинг. Работиме во атмосфера која што е поттикнувачка, училишна атмосфера на која што сакаме да ги промовираме нашите ставови, а тоа е дека кога зборуваме за живот и работа на деца од училишна возраст многу е важно да се почитуваат различностите, да се биде толерантен и да се има почит  кон другите односно почит кон другите личности и почит кон другите мислења. Засега морам да искажам благодараност за координаторот на Центарот за интеркултурен дијалог Марија Крстевска- Тасева која што сите дидактички материјали ги обезбеди во превод на македонски јазик. Се разбира поддршка имаме и од директорот на училиштето Мирољуб Пауновиќ кој што ни обезбеди технички услови за работа и се разбира посебна благодарност за родителите на учениците со кои што го реализираме заедно проектот кои што не себично изразија поддршка и согласност да продолжам и понатаму да работам со нивните деца, рече Стојановска.

Интерактивните работилници и останатите активности во рамки на проектот „Побезбеден“ ќе продолжат со почетокот на наредната учебна година, посочува училишниот координатор Даниела Стојановска.

Коментари

коментар(и)