ВИДЕО: Потврден случај на шуга во основното училиште во Романовце
Еден потврден случај на шуга во кумановското основно училиште „Кирил и Методиј“ во селото Романовце. Ученикот бил отсутен од настава и во петокот, а по препорака од лекар ќе биде во изолација до 22 февруари годинава. Во меѓувреме, уште тројца ученици се изолирани, но за нив се уште нема медицинска потврда за заразното заболување, информира директорот на училиштето, Скендер Рушити.
Случајот со шуга го потврдуваат и од Секторот за образование при општина Куманово, а Центарот за јавно здравје по теренската контрола, ќе се произнесе утре.
Инаку, шугата е заразна болест предизвикана од паразит. Тоа е всушност состојба на иритација на кожата која предизвикува интензивно чешање, кое доминира ноќе. Паразитите се шират со близок контакт со заболено лице, преку користење на заеднички крпи, чаршафи и други лични работи. Најчесто во семејството заболуваат повеќе членови. Болеста може да се пренесе уште пред да се појават првите симптоми. Периодот на инкубација е од четири до осум недели. Оваа болест е заболување за сите луѓе без разлика на социјален статус, пол и возраст, иако најчесто се јавува на места каде има голема фрекфенција на луѓе, како на пример во болниците, затворите, домовите за деца или старечките домови, од шуга може да заболи секој. Не се работи за тешко заболување.
Лекарите укажуваат дека превенција за ова заразно заболување нема, но дека при појава на симптомите најдобро е веднаш да се замине на лекар. Апелираат – сите лица кои имале близок контакт со заразеното лице, истовремено да се лекуваат, дури и да немаат симптоми, со терапија препишана од лекар. По дадената терапија чешањето се повлекува во период од неколку дена до неколку недели.