Општина Куманово ги дистрибуира решенијата за данок на имот за физички и правни лица за 2023 година преку АД Македонска пошта. Доставувањето на решенијата би требало да заврши заклучно со наредната седмица, информираат надлежните, потенцирајќи дека сите даночни обврзници кои веќе имаат платено данок на имот за 2023-та година не треба да ги земаат во предвид решенијата кои ќе ги добијат на домашна адреса.
Сите даночни обврзници кои се сопственици на имот што се оданочува, корисници или плодоуживатели на имот, а кои на својата адреса нема да добијат решение за данок на имот за 2023-та година до 15 мај, се повикуваат да се обратат во просториите на Секторот за даноци и такси при општина Куманово, спроти градскиот стадион, поранешна зграда на АД „Козјак“, канцеларии бр.3 и бр.10, за да се информираат и консултираат за својата законска обврска.
Најголем дел од граѓаните редовно ги подмируваат давачките кон општината, но има и случаи кога физички и правни лица континуирано со години не плаќаат даноци, се до апсолутна застареност.
Општина Куманово апелира до сите граѓани и фирми совесно и одговорно да се однесуваат кон законската обврска за плаќање на данок на имот и истовремено ги повикува сите граѓани, односно сопственици на имот што се оданочува, корисници или плодоуживатели на имот, да го пријават или одјават имотот што е предмет на оданочување.
Секој корисник или сопственик на имот кој се оданочува е обврзан во рок од 15 дена од моментот на стекнување на имотот, односно од добивање на употребна дозвола или впишување во Агенција за катастар на недвижност, да го пријави во Секторот за даноци и такси при општина Куманово. Доколку не го пријави, општината ќе постапи согласно законските надлежности.
Своите обврски даночните обврзници можат да ги плаќаат и електронски, на новата дигитална платформа за електронска наплата на сајтот enaplata.kumanovo.gov.mk, каде што со снимање на матичен број на обврзник и регистрација преку меил ги има сите обврски за сите години.
За сите нејаснотии и објаснувања во овој дел, граѓаните и правните лица можат да се обратат во просториите на Сектор за даноци и такси при општина Куманово, поранешна зграда на АД „Козјак”, спроти градскиот стадион.
Инаку, општина Куманово во март годинава со одлука на Советот, отпиша даночни побарувања од скоро милион и триста илјади евра, по основ на комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија (заклучно со 2018 година) и данок на имот за правни и физички лица (заклучно со 2012 година). Надлежните тогаш објаснија дека станува збор за апсолутна застареност на побарувања, законско решение која секоја општина треба да го реализира, откако при наплатата ќе ги исцрпи сите законски можности.
Од Секторот за даноци и такси тогаш информираша дека општината во 2019-та година извршила отпис на данок на имот на физички и правни лица заклучно со 2008-та година, а за фирмарина или комунална такса заклучно со 2010-та година. И тогаш, како што кажаа пред Советот биле отпишани над 42 милиони денари, поради апсолутна застареност откако општината ги исполнила сите законски можности за наплата.