Во Занаетчискиот дом денеска се одржа првиот буџетски форум од предвидените три, на кој граѓаните имаа можност да дадат свој придонес во креирањето на буџетот за 2027 година со предлози од областа на економскиот развој, инфраструктурата, образованието, социјалната заштита, животната средина, културата и спортот. На третиот форум ќе се спроведе финална селекција и рангирање на предложените приоритети.
Буџетските форуми се во организација на Општина Куманово, во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, а спроведуван од Националниот демократски институт (NDI).
„Граѓаните секогаш најдобро ги знаат своите проблеми, проблемите на местото на живеење, на заедницата и нивните приоритети“, изјави секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска.
„Очекувам предлози од образование затоа што веќе најавија затоа што има некои училишта кои навистина им е потребна дополнителна помош и од општината и од министерството, очекувам предлози од страна на инфраструктура, очекувам предлози од младите за дополнителни некои игралишта, во секој случај очекувам предлози од граѓаните кои ќе бидат најсоодветен наш показател што треба да се работи 2027та година“, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на Општина Куманово.