ВИДЕО: Се проширува гасификациската мрежа во Куманово

Се проширува дистрибутивната гасоводна мрежа во Куманово. Надлежните од јавното претпријатие „Куманово гас“ информираат дека во тек е изградба на мрежата на потегот од индустриската зона до улицата „Видое Смилевски Бато“ во населба Доброшане.

„Интерес за приклучок на гасоводна мрежа има и од приватните стопанственици, но и од граѓаните“, соопшти денеска директорот на претпријатието Марко Митровски.

-Избрана е фирма изведувач која веќе неколку дена работи, рокот е за 180 дена враќање во првобитна положба. Веќе имаме разговарано со неколку приватни субјекти, сите тие се упатени на изработка на проектна документација и се надевам дека во доста скоро време, доста капитални фирми ќе почнат да снабдуваат со природен гас. Веќе имаме остварено разговори со неколку приватни лица, и тие се упатени на изработка на пректна документација, посочи Митровски.

Од минатата година природен гас за затоплување на просториите користат средното техничко училиште „Наце Буѓони“ и Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ преку програмата „ЕУ за чист воздух“, со цел да придонесе за намалување на емисиите на загадувачи и честички, а се планира приклучок на мрежата на уште седум објекти.

-Тоа се средства одобрени од помош преку УНОПС програмата „ЕУ за чист воздух“. Со тој истиот повик продолжуваме со реализација за уште седум објекти во оваа година за кои веќе е при крај изработка на проектна документација и во наредниот месец би требало ние да почнеме и со приклучоци. Се работи за полициската станица, Основен суд, Центар за врабтување, Центар за социјална работа, ООУ „Толи Зордумис“, основното музичко училиште и ООУ„ Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ кај Соколана, изјави Митровски.

Општина Куманово и годинава субвенционира дел од трошоците за приклучок на гасификациона мрежа.

-Субвенцијата од општината останува во вредност од 25.000 денари на секое домаќинство за приклучок. Веќе е разговарано и со министерството за енергетика ако се во можност и тие да одобрат некоја субвенција, меѓутоа, се уште за тоа нема официјална потврда, рече Митровски.

Гасификацијата на Куманово е дел од пошироката стратегија за енергетска стабилност и намалување на загадувањето во градот.