Доделени договори за финансиска поддршка на здруженија кои вршат работи од социјална заштита
Градоначалникот Максим Димитриевски и овластениот раководител на секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Александар Крстевски денеска на претставници на пет невладини здруженија им доделија договори за финансиска поддршка. Станува збор за средства во износ од околу педесет илјади евра распределени за активностите на здружението „Инклузива“, центарот за ромска заедница ДРОМ, хуманитарното здружение „Мајка“, центарот за рурален развој „Бујрум“ и здружението „Детска Светлина“ од Куманово.
Здружението „Инклузива“ за прв пат во градот ќе воспостави дневен центар кој ќе дава услуга со индивидуални и групна работа на децата со попреченост. „Инклузива“ за крајниот корисник ќе обезбедува рехабилитација, индивидуална логопедска и дефектолошка поддршка, третман, психомоторичка акција, поттикнување и стимулирање на развој на когнитивна и моторна способност на децата, со посебен акцент на спортот и физичкиот развој.
„ДРОМ“ ќе работи на воспоставување на центар за дневен престој на деца во ризик. Проектот е наменет за децата на улица, деца со низок социо-економски статус, деца од семејства со нарушени односи, дисфункционални семејства и предвидува дневно згрижување, исхрана, одржување на лична хигиена, индивидуални активности, стекнување на работни и животни вештини, воспитно, социјални, културни и рекреативни активности, советување, едукација, образовна поддршка итн.
Хуманитарното здружение „Мајка“ ќе работи на прифатен центар и згрижување на жртви на насилство во тек на 48 часа. Подоцна преку Центарот за социјални работи ќе се препраќаат до невладината организација „Надеж“ во Скопје, каде жртвата ќе добие интервентно прифаќање, сместување, безбедна средина, социјална и психичка поддршка, облека, храна, придружба до институциите, помош при вадење на документи, правна помош. ХЗ „Мајка“ помага и при вработување во индустриската зона, за да жртвите стекнат економска независност.
Здружението за едукација, советување и стимулација на лица со посебни поттреби „Детска Светлина“ Куманово ќе работи на рана превенција и детекција на деца во ризик.
Центарот за рурален развој „Бујрум“ ќе обезбедува спроведување на инклузивни работилници и курсеви за стекнување на вештини и вработување на ранливите категории- лица со попреченост. За корисниците се наменети онлајн курсеви, ресурси за достапност на вештините, а крајна цел е нивно мрежно поврзување со работодавачите и нивно вработување.