Домот за стари лица „Зафир Сајто“со повеќе активности ја одбележува Неделата на грижа за старите лица, која се реализира од 15 до 21 ноември, под мотото „Сите сме нивни деца“.
Волонтери од Клубот на млади при општинската организација на Црвен крст Куманово денеска ги посетија корисниците каде што преку дружење, разговор и заеднички активности поминаа пријатни моменти во домот. Во активноста учествуваа 5 волонтери, а беа опфатени вкупно 80 корисници.
„Деновиве домот беше посетен и од ученици од здравствената струка во ОСТУ „Наце Буѓони“, со кое имаме потпишано Меморандум за соработка, а со корисниците разговараа и членови на здружението на дијабетичари од Куманово. Во рамките на активностите беше извршена контрола на нивото на шеќерот во крвта на корисниците, измерен крвниот притисок, препорачана соодветна терапија и слично. Активностите продолжуваат и следната седмица со основното училиште „11 Октомври“ и невладината организација „Бујрум“. Ние знаеме дека ваквите активности се едни од најдобрите нешта што може да се случи на стариот човек, бидејќи тие не бараат финансиски надомест, тие сакаат само разговор и малку повеќе внимание“, изјави Александар Крстевски, директор на Дом за стари лица „Зафир Сајто“.
Во моментов во домот престојуваат 165 корисници, на возраст од 47 до 96 години.