Модернизација и надградба на системите за греење во шеснаесет јавни објекти
Градоначалникот Максим Димитриевски вчера оствари средба со претставници на УНОПС и на Обединетите нации.
„Целта на посетата е да се согледаат резултатите од спроведените активности за модернизација на системите за греење во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух”, финансиран од Европската унија“, се вели во објавата на општина Куманово.
Според објавата, во рамки на соработката која е воспоставена и формализирана со Меморандумот за разбирање, УНОПС ја поддржува Општина Куманово во модернизација и надградба на системите за греење во јавни објекти, преку воведување на еколошки прифатливи решенија. Системите за греење ќе бидат поставени на девет локации, коишто опфаќаат вкупно 16 објекти – основни, средни и стручни училишта, како и објекти на централната власт и правосудни институции – ќе се трансформираат од нафта во системи што користат гас. Досега се завршени работите на четири објекти, а останатите се очекува да бидат финализирани до крајот на 2025 година. Со промена на системите на греење на поеколошки горива се очекува значително намалување на емисиите на загадувачи. Во рамки на проектот засадени се и 1500 дрвја на јавни површини и во паркови низ Куманово.
По состанокот, претставниците на УНОПС и општината ги посетија ООУ „Толи Зордумис” за увид во тековни градежни работи и СОУ „Наце Буѓони” за увид во веќе завршени градежни работи.