На градскиот базен во Куманово денеска се одржа државно првенство во пливање за ученици од основните и средните училишта во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, во соработка со Општинскиот сојуз на училишен спорт Куманово.
На првенството учествуваат над 270 ученици од државава, во три возрасни категории: ученици до петто одделение, од шесто до деветто одделение и ученици од средните училишта.
Натпреварувачите ќе ги покажат своите пливачки вештини во четири дисциплини: краул, грбно, прсно и делфин, во машка и женска конкуренција. Најуспешните учесници за освоено прво, второ и трето место, ќе бидат наградени со медали и дипломи од страна на организаторите.
На отворањето на првенството се обратија градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија Елена Мицковска.

Ваквите спортски настани придонесуваат за поттикнување на спортскиот дух, развивање на пливачките вештини и промовирање на здрави животни навики кај младите, како и афирмација на училишниот спорт и создавање можности за размена на спортски искуства меѓу учениците од целата држава.