Под мотото „Потомци на Мисирков“, ООУ „Крсте Мисирков“ – Куманово свечено го одбележа својот патронен празник, посветен на 78 години постоење, знаење, посветеност и создавање успешни генерации, објави Општина Куманово.
По тој повод делегации на Совет на Општина Куманово и Сектор за образование положија свежо цвеќе пред бистата на Крсте Мисирков, оддавајќи почит на неговиот неизмерен придонес за македонскиот јазик и идентитет. Во рамки на одбележувањето се одржа и свечена седница во Занаетчиски дом, на која директорката на училиштето преку пригодно обраќање го истакна значењето на долгогодишната образовна традиција, постигнатите резултати и континуираната посветеност на наставниот кадар во воспитно – образовниот процес. Свеченоста беше збогатена со културно – уметничка програма, подготвена од страна на учениците и наставниците, кои преку своите настапи ја покажаа креативноста, талентот и почитта кон патронот на училиштето. Во знак на благодарност за долгогодишниот професионален ангажман и придонес во образованието, беа доделени плакети на пензионирани вработени.
Фото: Општина Куманово