Павловски: Дезинформации и лаги во пресрет на локалните избори

Кандидатот за советник од „За наше Куманово“, Николај Павловски денеска на прес-конференција обвини дека поединци од централната власт и членови на раководни функции не само се служат со притисоци врз граѓани и членови на граѓанскта иницијатива, туку, како што рече, тие се служат и со лаги и дезинформации кои имаат за цел да направат штета врз угледот на кандидатите, само за да добијат глас плус повеќе.

-Дезинформираа дека сме правеле притисок врз вработени во јавната администрација и сме ги злоупотребувале институциите во пресрет на изборите. Не обвинуваа дека кандидат за советник вршел поткуп за гласови. Говореа невистини и дека кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски купувал земјиште во период кога е градоначалник на општина Куманово. Ова е апсолутно неточно! Лага е дека Димитриевски возел нерегистрирано возило. Како најнова дезинформација која ја пласира кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ Оливер Илиевски само за да победи на изборите е за наводна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за распределба на јавни претпријатија. Нашата граѓанска иницијатива „За наше Куманово“ нема направено коалиција со ниту еден политички субјект, рече Николај Павловски, кандидат за советник од „За наше Куманово“

Павловски  посочува дека  во првиот круг добиле поддршка од граѓаните затоа што веруваат дека нивниот концепт е вистинскиот избор за кумановци.

-Граѓаните добро знаат кој е нивниот сегашен и иден градоначалник и тие повторно уште посилно на 31-ви октомври ќе му ја дадат довербата на Максим Димитриевски. Граѓаните сакаат да слушнат што ќе биде сработено во следните четири години. Политиката е натпревар на идеи и визии за подобрување на состојбите, а не за црна пропаганда, рече Павловски.

„На 31-ви октомври победуваат граѓаните и концептот „За наше Куманово“ со што ќе бидат поразени оние кои целата кампања ја имаат насочено кон црна пропаганда, притисоци, дезинформации“, порачува Павловски.

Коментари

коментар(и)