ВИДЕО: Продолжува субвенционирањето на ранливите категории, од утре стартува народната кујна
До крајот на годинава повеќе категории на граѓани можат да поднесуваат барања за субвенционирање на трошоци за комунални услуги за 2024-та, соопшти денеска Александар Крстевски, раководител на Сектор за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита.
Право на субвенционирање имаат граѓаните кои што имаат статус на стечајни работници, самохрани родители, згрижувачки семејства, деца без родители, приматели на право на социјална сигурност за стари лица, лица кои живеат на територија на општина Куманово со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 години возраст, односно интелектуална попреченост, телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, како и приматели на право на посебен додаток согласно Законот за детска заштита.
Барањата со потребната документација се доставуваат до архива на општина Куманово.
Раководителот Крстевски информираше и за остварување на правото на народна кујна на територијата на општина Куманово. Од вкупно поднесени двесте барања, на 73 корисника им е одобрено барањето и тие почнувајќи од утре, од 10 до 12 часот во просториите на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ ќе можат да го подигнат бесплатниот оброк.