Целосно изгорен полуподземен контејнер, штетата над шест илјади евра

Екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово вчера попладне интервенирала на запален полуподземен контејнер во централното градско подрачје. Интервенцијата траела околу половина час, информира Регионалниот центар за управување со кризи во денешниот билтен.

За запален и целосно оштетен полуподземен контејнер на улицата „Трст“  вчера на социјалните мрежи информираше и директорот на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски.

Според Стојановски, со опожарувањето на контејнерот предизвикана е значителна материјална штета, која според проценките на комуналното претпријатие изнесува помеѓу 6.000 и 7.000 евра.

„Сметаме дека за сторителот постои службена пријава и во таа насока бараме надлежните институции да постапат соодветно и да го санкционираат одговорното лице согласно законските прописи. Воедно, изразуваме благодарност до ТППЕ Куманово за нивната брза и навремена интервенција, со што беше спречено понатамошно ширење на пожарот и дополнителна штета“, напиша на ФБ, Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.