Актерот Марко Трајковиќ доби награда за најдобра машка улога на фестивалот „Стоби“
Актерот Марко Трајковиќ ја доби наградата за најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал на античка драма – ИФАД „Стоби 2025“, за улогата на Калигула во претставата „Калигула“ на Театар Куманово.
Во образложението се наведува дека Трајковиќ „ја толкува сложената фигура на Калигула со извонредна психолошка длабочина и интензитет“. Неговиот настап, како што истакна жирито, ја открива тенката линија меѓу лудилото и апсолутната моќ, претворајќи ја класичната драма во современо размислување за човековата природа и општествените механизми на контрола.
Наградата му беше доделена синоќа во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес, на затворањето на ИФАД „Стоби 2025“.