Со божиќната пештера во рацете, пеејќи ја каландата „Вечниот Бог“ стотици деца и родители денеска беа дел од Бадниковата поворка која се движеше од Соколанскиот парк, по булеварот„ Трета Македонска ударна бригада“, улицата „Гоце Делчев“ кон градскиот плоштад каде што е поставена божиќната пештера.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски и претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, на учесниците во Бадниковата поворка, во Занаетчиски дом им поделија божиќни подароци, со желби за среќа, благосостојба и добро здравје.
Празничниот настан беше збогатен со културно – уметничка програма, во духот на традицијата, со песни и стихови, во изведба на децата бадникари, кои учествуваа во поворката.
„Поворката за Бадник оваа година се одржа по 11 пат во Куманово. Ниту дождот не ги спречи Христовите ангели, децата коледарчиња, да го најават раѓањето на богомладенецот со божиќната каланда ,,Вечниот Бог”. Радоста се споделуваше од Соколанскиот парк, по улиците, сѐ до плоштадот каде божиќни каланди испеаја Драгана Младеновска, Мартинијан и хорчето од деца под раководство на Јован Цветковиќ и Бојана Апостоловска. На дечињата празникот им го честиташе градоначалникот г-дин Максим Димитриевски. Учесници во поворката беа и Анастасија и Лука Чомбе. Пеевме, се радувавме и поделивме пакетчиња на секое дете во Занаетчискиот дом“, изјави координаторот на здружението Бадникови поворки во Куманово.