Во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово утре (петок) со почеток во 19:30 часот ќе биде отворена биеналната изложба на графики „Кумановски графичари 2026“.
На изложбата учествуваат повеќемина академски графичари од Куманово: Зоран Јакимовски, Акиме Насуфи Реџепи, Валентина Илијевска, Мухамедали Алили – Дали, Ања Стојадиновска, Стефан Анчевски, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Стефан Јакимовски, Мирослава Цветковиќ, Милена Арсовска и Методија Стојановски.
Изложбата се состои од дваесет и четири графички листа работени во повеќе графички техники и се дел од нивната најнова продукција.
За нивното творештво историчарот на уметноста Роберт Цветковски ќе запише:
„Оваа година учество зедоа 12 графичари од повеќе генерации коишто ќе се претстават со дваесетина графички листови работени во повеќе графички техники. И оваа година се чувствува силниот наплив на графики работени во техниката дигитален печат, но сè уште има автори кои преферираат класични графички техники. Една од нив е и Акиме Насуфи-Реџепи со делото “Композиција 3“(акватинта) работено во бихромна апстрактно-асоцијативна варијанта, како и Александар Стефановски со делото „Фосил“(монотипија) претставен инсект заробен во времето. Во групата графичари коишто работат во класични графички техники е и Ања Стојадиновска со делото „Флора и фауна“(комб.тех.) работено со реалистична фигурација во движење како и Валентина Илијевска со делото „Невидливиот симбол“ експериментирајќи со техниката сув печат. Групата на автори коишто работат во техниката дигитален печат ја предводи професорот Зоран Јакимовски со делото „Времеплов“, симбиоза на реални објекти и слободна графичка интерпретација и креирање на метафизички надреален простор, како и Методија Стојановски којшто со помош на дигиталните алатки креира експресивно-колоритна апстрактно-асоцијативна композиција со наслов „Љубов на свој начин“. Класично графичко решение нуди и Милена Арсовска со темата “It’s time for…“(сува игла) реалистична фигурација дадена во една метафоричка поставеност на времето и птиците, додека, пак, Мирослава Цветковиќ се претставува со делото „Импулс на присутната“ работено во техниката дигитален печат коешто третира биоморфна структура во нејзин препознатлив манир. Во техниката дигитален печат работи и Мухамедали Алили – Дали креирајќи го делото „Слоеви на душата“, едно комплексно структурирано, апстрактно-асоцијативно биоморфно суштество, додека Симона Јакимовска нè враќа во времето на класичната графика со делото „Птица“(акватинта) изведено во апстрактно-асоцијативен манир. Стефан Анчевски ни се претставува во еден минималистичко-симболичен апстрактен стил со делото „Премин“ во дигитална реализација, а Стефан Јакимовски со делото „АИ“ ја потврдува определбата за користење на дигитални алатки за креација на високо софистицирани објекти. Воопшто земено, една интересна колекција на графички решенија во коишто се испреплетени генерациите, графичките техники, идеите, старото и новото… Се надеваме дека со оваа изложба ќе преди“звикаме интерес во јавноста и поддршка за идно ангажирање и продолжување на овој проект. ..“
Изложбата ќе биде поставена до 20 декември 2026 година.