„Вкупниот буџет на општина Куманово за 2025 година изнесува 2.991.022.424 денари и е за пет проценти зголемен во однос на ребалансираниот буџет односно 15 проценти во однос на ланскиот буџет“, рече на вчерашната седница на советот на општина Куманово Виолета Димитриевска, овластен раководител на сектор за финансиски прашања.
-Во рамки на овој буџет влегуваат основниот буџет на општина Куманово во износ од 1.402.411.427 денари, во рамки на кој се предвидени приходи од соодветни ставки, а согласно на тоа и расходи по основ на 14 потпрограми. Во рамките на основниот буџет влегува и буџетот од приходи на самофинансирачки активности во износ од 76.735.984 денари ( основно, средно образование, детска градинка, дом за стари лица, и библиотечна дејност), влегуваат и приходи од дотации – наменски дотации распределени по соодветни програми и приходи од донации во износ од 28.406.659 денари, појасни Димитриевска.
Предлог-буџетот на општината за 2025 година не доби поддршка од советничката група на СДСМ и коалицијата.
-Советничката група на СДСМ и коалицијата оваа година нема да даде подршка за буџетот на општина Куманово. Сметаме дека изминатите три години и во духот на континуитето, во духот на развојните програми кои што биле донесени претходно, и во овој мандат и во претходните мандати, имајќи ја предвид и енергетската криза во која се наоѓаше државата дававме поддршка, бевме максимално коректни и толерантни. Советничката група на СДСМ и коалицијата нема да го поддржи буџетот оваа година, рече Александар Јовановски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.