(ВИДЕО)Изложба на фотографии од Марјан Јаневски – Шалајко

25 фотографии за градот Куманово од авторот Марјан Јаневски – Шалајко вчеравечер беа изложени во салата на Занаетчискиот дом во рамките на WIRE ARTWORKS 2021. Фотографиите од ретроспективната изложба на авторот всушност се дел од фото-монографијата на Јаневски која содржи 250 фотографии за Куманово.

На полето на фотографијата авторот активно работи и изложува уште од 1982 година, а од 1983 година станува и член на Фото Сојуз на Македонија. Во моментов е член на фото-клуб „Козјак“ од Куманово. Во својата богата творечка историја учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство, освојувајќи преку 30 награди за уметничка фотографија. До сега има организирано две индивидуални изложби на уметничка фотографија. Првата, ретроспективна, организирана во 1997 година со цел одбележување 15 години од работата на авторот. Втората, наречена „На концерт“ организирана во 2000-та година со концертни фотографии кои датираат од периодот помеѓу 1983-1995 година.

Марјан Јаневски – Шалајко е носител на звањето Кандидат – мајстор на фотографија од 2011 год. доделено од Фото Сојуз на Македонија, а за својата работа има добиено признанија од повеќе меѓународни фотографски организации. Член е на жири-комисии на меѓународни изложби и автор на фотографии во 4 монографии за град Куманово и монографија за КУД „Панче Пешев“.

Делата на Јаневски ќе останат изложени во Занаетчискиот дом до 15-ти декември, по што ќе следува изложбата на мултимедијалниот уметник од Куманово, Никола Радуловиќ.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и општина Куманово. Претходно, во организација на WIRE беа изложени и авторските дела на Марија Јовановска, Ѓорѓи Антевски и Игор Манојловски – Калц.