(ВИДЕО)Илиевски: Итна и целосна гасификација на болницата
Целосна и итна гасификација на Општа болница Куманово, гасификација на сите домаќинства во градот, вклучувајќи ги и индустриските зони, најави на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Оливер Илиевски. Според Илиевски, проектот за гасификација на здравствената јавна установа е изработен пред четири години, но се уште се чека на општината да обезбеди приклучок и достава на гас.
-Општата болница Куманово опслужува повеќе од 200.000 жители од регионот или 10% од вкупната популација во државата, а воедно се грее на мазут и фосилни горива и е еден од поголемите загадувачи. Во 2017 година менаџментот на болницата изготви проект за гасификација и го достави до Министерството за здравство. Проектите за изградба на гасна котлара и надворешен гасоводен приклучок се комплетно изработени во октомври 2017 година. Изведбата на приклучокот за болницата беше преземена обврска на Општина Куманово. Кумановскиот Сектор за внатрешни работи исто така има поднесено барање, но се чека на Општината да обезбеди приклучок и достава на гас, рече Илиевски.
„Гасификациија на индустриските зони ќе значи повеќе инвестици, зголемена рентабилност на стопанството, со што кумановските компании ќе бидат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар“, истакна Илиевски.
-Ова значи и помали сметки на граѓаните, чиста животна средина и чист воздух особено во зимскиот период кога во Куманово најмногу се чувствува загаденоста. Заштедите за енергија ќе бидат зголемени и истите можат да се пренасочуваат за нови инвестиции со кои ќе поддржиме младински политики и ќе го субвенционираме задржувањето на младите во Куманово, рече Илиевски.
Илиевски најави и планско просторно уредување на јавните површини на општинските и државните институции во Куманово, а болничкиот круг е само еден пример за тоа дека се потребни нови зелени површини, нова урбана опрема и нови содржини, како и инфраструктура која што е во функција на лицата со попреченост.
Тој ги повика граѓаните в недела да го изберат најдоброто за општината.