(ВИДЕО) Предвидени средства за втората фаза од реконструкција на театарот

Министерството за култура одобри дополнителни средства за втората фаза од реконструкцијата на театарот во Куманово. Првата фаза која предвидува реконструкција на дел од внатрешноста на установата и фасадата е во тек, а од ресорното министерство беа одвоени 10 милиони денари. Рокот за завршување на градежните активности е до април 2022 година. Реконструираниот објект ќе биде целосно модернизиран и прилагоден на потребите на актерите и на публиката, кои ги диктира новото време, велат надлежните.

Додека трае реконструкцијата вработените во театарот се сместени во Центарот за култура, а и претставите се изведуваат на сцената на центарот.

За дополнителните средства за кумановскиот театар информираше  министерката за култура Ирена Стефкоска на прес-конференција, презентирајќи го Предлог-буџетот на Министерството за култура за наредната година.

„Предлог-буџетот за културата за 2022 година изнесува 62 милиона 692 илјади евра. Тоа е скоро 10 милиони евра повеќе од буџетот со кој располагавме оваа година“, информираше министерката Стефоска.

„За поддршка на проектите од Национален интерес во културата за 2022 година, пак, од буџетот се издвоени над 17 милиони евра, што е за над 1 ипол милион евра повеќе за оваа намена од оваа година“, рече министерката за култура.

На Годишниот конкурс кој за прв пат се реализираше преку електронска апликација, пристигнати се 3.800 пријави кои автоматски добија и архивски број. За електронската апликација беа одржани обуки во повеќе градови, беше изработено видео упатство, отворени телефони за консултација и техничка поддршка, како и маил адреси за прашања од корисниците во секоја дејност, а беше продолжен и рокот за аплицирање на 39 дена. Сепак, по административната проверка на доставената документација, службите констатирале дека голем број од пријавите се пополнети со нецелосно исполнети барања од конкурсот. Од тие причини, а во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена. Тоа значи дека до 16-ти декември е рокот за дополнување на пријавите.

Фактот што се овозможува дополнителен рок за пријавување значи дека резултатите од конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20-ти јануари, најдоцна до половината на февруари, наредната година.

Во фокусот на буџетот на наредната година се и капиталните инвестиции и санации во културата во висина од близу 10 милиони евра, средства наменети за:

– втората фаза од изградбата на Турскиот театар во Скопје,

– реализација на следната фаза од изградбата на Театар и библиотека во Тетово,

– завршни работи на Театарот во Струмица,

– втора фаза од реконструкцијата на Театарот во Куманово,

– втора фаза од реконструкцијата на Центрите за култура во Кочани и во Гостивар.,

– реконструкција и санација на покривот на Националната универзитетска библиотека Св. Климент Охридски во Скопје, како и за други проекти кои ќе бидат одобрени во годишната програма од областа на инвестициите за 2022 година наменети за објектите во кои се сместени културните установи.

Културата во вкупниот буџет на државата учествува со 1.49 %, што според Стефоска не е доволно, но е одговорно однесување кон народните пари во време на здравствена и на економска криза.

Коментари

коментар(и)