(ВИДЕО) Ѓорѓе Давид и Ивана Петерс ќе пеат за празникот на градот

Богата празнична програма со концерт на градскиот плоштад предвидува општина Куманово во рамките на „Ноемвриски денови 2021“. Фондацијата за култура и спорт „Куманово“  традиционално, со исклучок на минатата, поради ковид пандемијата, под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Куманово организира пригодна културно -уметничка програма за сите граѓани на Куманово.  Промоција на книгата „2222 надимка на кумановци на кумановски” од автортот Мирко Зафировски, меѓународната изложба „Карпино“, изложба на фотографии од Куманово на тема од Народноослободителна војна се само дел од предвидените активности по повод Денот на ослободувањето на градот, 11-ти Ноември, информира директорот на Фондацијата за култура и спорт Виктор Божурски.

Првпат пред кумановската публика на градскиот плоштад со својот најнов репертоар ќе се претстави рок пејачот Ѓорѓе Давид заедно со бендот и Ивана Петерс.

„Македонија за нас музичарите е сериозен испит бидејќи знаеме дека македонскиот народ е бескрајно талентиран кога е во прашање музиката“, рече на денешната прес-конференција Ѓорѓе Давид. Прелиминарните разговори за неговото гостување во Куманово се случиле уште во текот на летото. Ѓорѓе Давид најави богат репертоар во траење до два часа на градскиот плоштад заедно со Ивана Петерс со која што пред кумановци ќе ја промовираат и дуетската песна.

На Денот на ослободувањето традиционално ќе биде положено цвеќе на Спомен костурницата и ќе се одржи свечена академија на Советот на општина Куманово во центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Во рамките на „Ноемврски денови 2021“ ќе се одржи и аикидо семинар, куп во спортско риболовство и рапид турнир во шах, велат од Фондацијата за култура и спорт.