„Од почетокот на 2025 година до сега во СВР Куманово биле пријавени вкупно шест измами со наводни сообраќајни незгоди, додека изминатата недела беа регистрирани и шест обиди за вакви измами“, информираше денеска Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
-Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети.
Во врска со измамите, од слобода беше лишено едно лице. Имено, на 12.02.2025 во 15.40 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово, во содејство со Оддел за криминалистичка полиција и СВР Скопје го лишиле од слобода П.М.(59) од Република Бугарија. Тој се сомничи дека на територија на Куманово во соработка со повеќе лица извршил измами со наводни сообраќајни незгоди над повеќе лица. П.М. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат внимателни кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сите сторители на измамите.
Поради зачестените појави на измами и обиди за измами, во изминатиот период полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово реализираат превентивни активности и во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваат за начинот на кој се извршуваат измамите со наводни сообраќајни незгоди, изјави Младеновска.
Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 112. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на измамите.
