ВИДЕО: Борислав Кузмановски го фати крстот во црквата „Свети Никола“
Дваесет и тригодишниот Борислав Кузмановски од Куманово го фати крстот во соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово. Професионалниот војник во Армијата на Република Македонија беше најсреќниот меѓу педесетината верници кои скокаа по светиот крст по повод празникот Богојавление (Водици).
На манифестацијата учествува по трет пат, но за прв пат го фаќа светиот крст.
– Сите да се живи и здрави и нека се пријавуваат да се продолжи традицијата и адетот пред се, за здравје се фрламе по крстот, не се надевав дека ќе го фатам, но на сите им посакам здравје и среќа, рече тој.
Кузмановски доби пригодни подароци од црквата и спонзорите, и градоначалникот Максим Димитриевски.
Традиционално како и претходните години пред фрлањето на крстот во црквата Свети Никола се одржа литургија на која присуствуваа голем број верници. Литургијата ја служеше митрополитот кумановско осоговски господин Григориј заедно со останати свештеници од епархијата.
Годинава освен фрлање на крст во соборниот храм во кумановско се одржа и во реката Липковка во населбата Бедиње, како и во приватен имот во село Тромеѓа. Во црквата Света Троица во централното подрачје не се одржи водосвет, поради реконструкцијата која што е во тек. За разлика од претходните години овој пат немаше фрлање на светиот крст ниту во затворениот градски базен.
Празникот Богојавление се слави во чест на крштението на Исус Христос во реката Јордан, а обичај е верници да влезат во осветените води и го извадат чесниот крст. Голем број верници на овој ден сечеа и славски колачи, а зедоа и од осветената вода.