ВИДЕО: Гимназијалци во посета на ТВ Плус како дел од проектот „Користи факти“

Ученици од гимназијата „Гоце Делчев“ заедно со наставничката по македонски јазик Соња Тодоровска денеска ја посетија Телевизија Плус како дел од проектот „Користи факти“. Средношколците се запознаа со начинот на подготовка на вестите, препознавањето на лажните вести, дезинформациите од социјалните мрежи и справувањето со нив, реализацијата на дневникот.

-Вклучени сме во проектот „Користи факти“. Денеска присуствуваме овде, разговараме со вас, го разгледуваме студиото во кое што се подготвува и презентира веста, информацијата и се она што се случува во нашиот живот, потоа разговараме со ваши вработени за тоа колкава е важноста ние да бидеме медиумски писмени, подигање на свеста за медиумската писменост, тоа значи селекција на факти, односно селекција на информации, нивна проверка, како да ја примиме веста, како да ја провериме, колку да веруваме на веста и како тоа да го прошируваме и практикуваме во нашиот живот. Моите ученици денеска имаа можност на лице место како тоа се прави, да постават прашања и да делуваат на начинот на кој што треба да се прими информацијата и веста, изјави Соња Тодоровска, наставничка по македонски јазик, при гимназијата „Гоце Делчев“.

Дел од учениците имале можност и минатата година да бидат вклучени во проектот на Институтот за комуникациски студии, кој се спроведува заедно со кумановската гимназија.

–Многумина од нас, за жал немаат можност во семејната, општествената заедница да се почувствуваат слушнато. Медиумскиот простор затоа го гледаат како простор каде што ќе можат да ја надоместат ускратената слобода на говор и на лично изразување. Тоа често прераснува во говор на омраза, пропаганда, врбување со дезинформации, многу е важно ние како млада генерација со медиумската писменост да бидеме на ти, пред се заради лична заштита. Овој проект има за цел да создаде селективност во бирањето на информациите според кои ќе се раководиме, а кои дошле до нас затоа што биле лансирани во онлајн просторот, изјави Ива Додевска, ученик во Гимназија „Гоце Делчев“

-Вклученоста во овој проект ми даде информација како да ги толкувам вестите што ги добивам од медиумите и да бидам свесен дека постои можност за лажни вести, изјави Ѓорѓи Златевски, ученик во Гимназија „Гоце Делчев“

Годинашниот медиумски ден, Институтот за комуникациски студии (ИКС) го организира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија – Користи факти“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Коментари

коментар(и)