ВИДЕО: Гимназијата го одбележа раѓањето на Гоце Делчев

Во Македонија денеска се чествуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Во Куманово денот на раѓањето на Гоце Делчев традиционално се одбележува со пригоден говор пред бистата во дворот на Гимназијата.

Цвеќе положија претставници на училиштето, општина Куманово, Советот на општината, политички партии, граѓански здруженија, организации, граѓани.

Пред присутните се обрати директорката на гимназијата Марија Тодоровска.

„Со гордост го славиме неговото раѓање, тој  остави за нас еден голем аманет, да продолжиме со неговите мисли, да се натпреваруваме на секое културно поле. Затоа и ние како училиште продолжуваме со натпревари на сите нивоа, успеси кои ги постигнуваат нашите ученици и нашите наставници, рече Тодоровска.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава.

На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.