Во библиотеката на гимназијата „Гоце Делчев“ денеска беше организиран литературен настан по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, 23 април. Со свои лични творби пред присутните, освен гимназијалци се претставија и неколку членови на Друштвото на писатели од Куманово.
„Настанот е со цел да се популаризира книгата која што е наш најдобар другар, наш најдобар учител“, истакна наставничката по македонски јазик во гимназијата, Соња Тодоровска.
-Со овој настан сакаме да ја популаризираме книгата, да и дадеме значење во онаа изворна форма затоа што денеска живееме во едно време на дигитализација и важно е да се чита книгата во пишана форма. Јас посебно сум задоволна од моите ученици кои што токму за овој настан напишаа свои лични творби. Да се напише лична творба значи да се чита многу, а тоа значи дека моите ученици, односно нашите ученици, учениците од гимназијата „Гоце Делчев“ читаат книги и тоа е една од најголемите награди и задоволство на секој наставник. Денеска се присутни пет члена од Друштвото на писатели кои ќе се претстават со свои лични творби и десет ученика, исто така со свои лични творби, меѓу нив е и една ученичка која што веќе има издадено своја стихозбирка на мое огромно задоволство, тоа е мојата ученичка Миња Димитриевиќ. Соработката со Друштвото на писатели е долгогодишна и секогаш на обострано задоволство, заеднички чествуваме вакви настани, го чествуваме и нашиот патронен празник, чествуваме Ден на книгата, Ден на поезијата, Ден на пролетта и сите настани кои што ќе бидат во врска со книгата, промоции на книги и други активности во врска со литературата, изјави Соња Тодоровска, гимназија „Гоце Делчев“
Целта на Друштвото на писатели од Куманово е продлабочување на соработката со учениците, со граѓаните, со институциите, со граѓанските здруженија, посочува поетесата Божана Трајковска, воедно и претседател на Друштвото на писатели.
-Кажано е соба без книга е како срце без душа, значи книгата мора секогаш да биде присутна ако сака да се надгради себе си и полесно да комуницира меѓу луѓето. Целта на Друштвото на писатели е соработка со граѓаните, со учениците, со други институции за да го пренесеме убавиот збор и на тој начин да оставиме белег зад нас кој секогаш ќе се помни. Гостуваме и во „Зафир Сајто“, во други градови, постоиме 15 години како здружение на граѓани, соработуваме со 11 градови од Македонија. Учениците се повеќе се надминуваат себе си, а кога ќе се надминат себе си значи повеќе се чита, повеќе се надградува и на тој начин остава белег зад себе, изјави Божана Трајковска, Друштво на писатели од Куманово
Светскиот ден на книгата и авторското право се одбележува во чест на двајцата великани на светската книжевност Вилијам Шекспир и Мигел де Сервантес кои со своите дела го задолжија човештвото, а починале на денешен ден 1616 година.
„Да читаме и танцуваме – двете забавни нешта кои никогаш нема да му наштетат на светот“ , напишал Франсоа Волтер
„Ако имате градина и библиотека, имате сè што ви е потребно“, напишал Цицерон.
„Еден збор во вистинско време е повеќе вреден од 100 зборови во погрешно време“, – Мигел де Сервантес.