ВИДЕО: Голем интерес за посета на НУ Музеј Куманово, најпосетено Кокино

Се поголем број на посетители евидентира НУ Музеј Куманово. Најпосетена и минатата година била мегалитската опсерваторија Кокино како од странски туристи, така и од редовни посетители од Куманово и земјава. Бројката на посетителите се движела од 10.000 до 15.000 на годишно ниво, информира директорката Марија Живачки. Континуирано посетена е и постојаната музејска поставка која се состои од археолошки, историски и етнолошки предмети. Оваа поставка најчесто ја посетуваат учениците од градот и кумановско, но има и останати редовни посетители.

Кога се говори за Кокино она што недостасува, а го посочуваат посетителите е сувенирница каде што туристите би можеле да си купат и понесат спомен, односно сувенир од мегалитската опсерваторија. Надлежните од Музеј Куманово велат дека ќе се обидат ова барање од посетителите да го исполнат наредните години.

Музеј Куманово има обезбедено водичи за постојаната музејска поставка, за меморијалниот центар АСНОМ и за Кокино, со тоа што за организирана посета на Кокино, водичот на групата треба претходно да се обрати во установата.

Билетот за Кокино чини 120 денари.

За посета на музејската поставка возрасните плаќаат 60 денари, а учениците симболични 30 денари.

Коментари

коментар(и)