ВИДЕО: Граѓаните да не наседуваат на измами со сообраќајни незгоди, апел од СВР Куманово
Граѓаните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајни незгоди, апелираат надлежните од Секторот за внатрешни работи Куманово. Таквите сомнителни повици веднаш да ги пријават во полицијата на бесплатниот телефонски број 192 или на единстевниот број за итни случаи 112. Досегашните случаи покажуваат дека измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број.
-Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното сесмејство имал сообраќајна незгода и дека е потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети. Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите за измамите, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Апелите од МВР за претпазливост на граѓаните во однос на ваквите измами се споделуваат подолг временски период, но сепак граѓаните веројатно во состојба на моментален стрес или шок и неверување од информацијата што ја добиваат за лицата од најтесното семејство, ја прифаќаат понудата од измамниците.
Инаку, со воведувањето на бројот 112, сите повици од целата држава се примаат во главниот центар сместен во просториите на ЦУК. Од таму повиците се пренасочуваат кон оној за кого е наменет повикот. Опремата за функционирање беше набавена со донација од ЕУ во висина од 1,5 милиони евра, а бројот профункционира во февруари 2020 -та година.