ВИДЕО: Занаетчиската комора бара помош за справување со енергетската криза

Занаетчиската комора на Македонија бара паушално оданочените занаетчии да не се категоризираат како индустрија, туку како домаќинство или пак да бидат субвенционирани 50 проценти од електричната енергија што ја плаќаат занаетчиите додека трае енергетската криза. Барањата веќе се доставени до надлежните, информира претседателот на комората Агрон Фазлији.

-Ние како комора испративме реални барања до Владата, имаме повратен одговор дека сите барања ќе бидат разгледани од Владата и Министерството за економија и очекуваме следниот пакет мерки да биде соопштен подетално за да знаеме како да ги информираме занаетчиите и бизнисите. Ние бараме конкретна мерка, да не се категоризираат занаетчиите, односно паушално оданочените занаетчии како индустриска електрична енергија. Ние бараме додека трае енергетската криза да бидат субвенционирани 50 проценти од Владата односно да не се категоризираат како индустрија, туку како домаќинства, за да можат да опстанат на пазарот и така овие две барања да ги исполни Владата за да бизнисите бидат ликвидни во моментот, изјави Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора на Македонија

Доколку занаетчиите не добијат помош од Владата, а цената на електричната енергија продолжи да расте, Фазлији предупредува дека до крајот на годинава најголем дел од занаетчиите ќе ги затворат своите бизниси.

-Паушалните оданочени занаетчии се околу 6.000 лица во нашата држава и нив државата да ги третира како домаќинства, бидејќи во моментов плаќаат струја како да се индустрија, а тоа им создава големи проблеми. Во просторија од 15 квадрати кои се во слободен пазар плаќаат по 30-40 илјади денари, затоа излозите во моментов се исклучени. Доаѓаат во регионалните комори и бараат да се затворат, затоа што не можат да ја платат само струјата. Баравме помош за да бидат ликвидни, да работат и да не ги губат работните места, има семејни бизниси по 2-3 вработени. Ако не може државата да ги категоризира од индустриска во домаќинска електрична енергија ние баравме 50 проценти од оваа електрична енергија да биде субвенционирана од државата. Одговорот е дека сериозно се прифатени и чекаме одговор, изјави Фазлији.

Владата вчера донесе нов пакет на антикризни мерки со кои освен останатото, се предвидува директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва (согласно тековната состојба) како и трговци поединци: занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход).