ВИДЕО: ЗОН „Учител“ организираше натпревар во изразно рецитирање

Во организација на Здружението на одделенски наставници (ЗОН) Учител, а во соработка со ЗПР Куманово и поддршка од Општина Куманово вчеравечер во преполна сала на Занаетчиски дом се одржа натпревар во рецитирање „Стиховите наши ги топлат срцата ваши”. Станува збор за единствен натпревар во изразно рецитирање за ученици од одделенска настава, конкретно од трето до петто одделение.

Жири – комисијата имаше задача да бодува точност и дикција при рецитирањето, правилно акцентирање и мисловно- емотивно доживување при рецитирање. Учениците ги оценуваа Ксенија Маказлиева Трајчева – одговорен уредник од издавачката куќа Просветно дело, Анита Цветковска – професор по драмска уметност во Гимназијата „Гоце Делчев“  и Сандрина Арсовска Јовановска, член нa претседателството на ЗПР Куманово.

Одговорен општински координатор е одделенскиот наставник Душица Јакимовска. Во своето обраќање пред присутните, меѓу останатото, Јакимовска истакна:

„Во секојдневната наша, учителска работа се среќаваме со многу талентирани ученици. На нив посебно треба да им обрнеме внимание, да ги поттикнеме и охрабриме да се усовршуваат во својата креативност и посебност. Токму затоа ЗОН – Учител на РСМ со големо задоволство ја прифати и поддржа иницијативата на ЗОН – Куманово за организација и реализација на овој единствен натпревар во изразно рецитирање за ученици од одделенска настава. Со овој проект овозможуваме учениците да излезат од училишните клупи и гласно и изразно да говорат стихови од македонски поети на македонски јазик! Со тоа заедно со учениците придонесуваме за негување на убавиот поетски збор искажан на македонски литературен јазик и да ги инспирираме да творат и говорат на нашиот мајчин, македонски јазик“, кажа Јакимовска.

Присутните ги поздрави и претседателката на здружението на просветни работници Куманово Анита Димовска.

„Да осмислиш, да поттикнеш, да организираш и да реализираш воннаставна активност со деца и одделенски наставници значи да посветиш свое слободно време и да вложиш многу енергија и љубов. Да истраеш со идејата за натпревар по рецитирање за најмалите трета година по ред значи да негуваш трајни вредности и да ти се полни душата радост слушајќи ги рецитаторите додека ги топлат срцата наши на мајчин јазик. Нека ова прерасне во традиција, а вие дечиња продолжете да читате и мечтаете, приказни, песни и сказни на македонски јазик да ткаете и во чување на јазикот да истраете“, кажа Димовска.