ВИДЕО: Како болницата обезбедува анестезиолози?!

До крајот на годинава Општа болница Куманово официјално останува без анестезиолог, информираше деновиве директорот на јавната здравствена установа м-р Сашо Стошевски. Последните двајца специјалисти по анестезиологија користат денови од годишен одмор и по Нова година заминуваат во пензија, посочува директорот. Во меѓувреме, болницата проблемот го надминува со ангажирање анестезиолози од повеќе здравствени установи во земјава. Директорот Стошевски ги повикува анестезиолозите кои што во пензија да го следат примерот на спец. д-р Синиша Бајдевски и да и помогнат на болницата.

-Од 27 октомври годинава официјално болницава нема ниту еден анестезиолог. Бараме начин тоа да го решиме. Имаме потпишано договор со повеќе јавни здравствени установи низ Македонија, каде што тие ни отстапуваат анестезиолог, но, анестезиолог кој сака да дојде. Го брифиравме министерот, испративме можеби дваесет дописи до сега. Од Министерството има ветување дека проблемот ќе се реши. Месец ноември ни е покриен со анестезиолози, со доаѓање на спец.анестезиолози од внатрешноста и од Скопје. Можам да се пофалам дека д-р Синиша бајдевски, специјалист по анестезиологија го вративме по пензионирањето, односно самиот изрази желба да и помогне на болницата, изјави Стошевски.

За разлика од одделот за анестезија со реанимација, на останатите оддели, состојбата е задоволителна.

„Лекари специјалисти има речиси во доволен број, но, она што недостига е среден медицински кадар“, потенцира Стошевски.

Во болницата, во стариот ургентен центар, од јуни годинава работат 24 специјализанти кои што им помагаат на интернистите, хирурзите.

Иако Конкурсот беше распишан за 28 специјализанти, за жал, четири места останаа празни.