По повод Цветната недела пред големиот христијански празник Велигден, невладината организација „Коло на српските сестри“ ја организираше манифестацијата „Цветници“. Во рамките на проектот реализирани се повеќе активности, а завршната манифестација се одржа вчера во фоајето на Центарот за култура, каде што беа прогласени најдобрите учесници во аранжирање на икебани.
Лела Радичевска, ученичка во средното училиште „Перо Наков“ освои прво место, вторите места им припаднаа на Леонтина Цветановска од ОСТУ „Наце Буѓони“ и Ален Милковски од Гимназија „Гоце Делчев“, а на трето место се пласираа Илина Станковиќ и Милица Пешиќ, двете од државното средно училиште „Киро Бурназ“.
„Проектот предвидува реализација на три активности: садење на цвеќе во објектот Бубамара на детската градинка во Куманово, изработка на венчиња од учениците за Лазарева сабота, а средношколците се натпреваруваа во аранжирање на икебани. Православните празници недоволно ги одбележуваме, си забораваме на културата, традицијата, обичаите и тоа не поттикна да го направиме ова. Завршната манифестација е изработка на икебани, требаше да биде вчера, но поради затворениот простор во недела го направивме ден покасно. Намерата беше да има продажен карактер, а средствата се наменети за хуманитарни цели“, изјави Живка Христовска, членка на здружението.
Учениците, учесници на настанот по повод Цветници беа во придружба на своите наставници од основните и средните училишта, а присутните ги поздрави претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.
„ Празникот Цветници е толку убав, самиот цвет само по себе е уметност, а со децата кои имаат креативен набој, манифестацијата добива уште повеличенствен карактер. Има толку убави христијански празници, на овој начин најубаво е да ги прославиме“. Манифестација траеше 3 дена со ученици од основни и средни училишта, а денеска беше крунисана со натпревар во аранжирање на икебани и со доделување на дипломи за учесниците. Преубав цветен настан кој го означува Христовото влегување во Ерусалим, но и почетокот на будењето на природата“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот на Општина Куманово.
Проектот на организацијата „Коло на српските сестри“ е поддржан од Општина Куманово, преку Програмата за културни манифестации со 20.000 денари.