ВИДЕО: Куманово блеска во новогодишен сјај

Куманово претпразнично блеска во новогодишен сјај. Централното градско подрачје е украсено со светилки, а на плоштадите владее вистинска празнична магија. Санката на Дедо Мраз, Снешко со подароци во рацете, големата елка, ѕвезденото небо е онаа што ги поттикнува кумановци да излезат од топлите домови на плоштадите и да уживаат во празничната атмосфера.

Годинава граѓаните имаат уште една причина да бидат дел од предновогодишното празнување. По пауза од неколку години, Куманово доби организиран новогодишно – божиќен базар на кој граѓаните можат да купат празнични украси, сувенири, мед, но и да се стоплат со греано вино. Базарот е организиран во соработка со Занаетчиската комора, а за украсувањето на градот, како што соопшти градоначалникот Максим Димитриевски обезбедени се 500.000 денари од општинскиот буџет.

Претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлији истакна дека интересот кај занаетчиите годинава е значително зголемен што, според него, е резултат на континуираната соработка меѓу Комората и локалната самоуправа.

Кумановци се пријатно изненадени од годинешната празнична организација. Посакуваат базарот да прерасне во традиција.

Празничниот базар ќе трае до десетти јануари 2026 година, а излагачите нема да плаќаат закуп за штандовите, информираа надлежните од Општина Куманово.