Кумановци вчеравечер покажаа дека солидарноста не исчезнала. Со своето присуство на Велигденскиот концерт за помош на 21- годишната Александра Митровска што се одржа во големата сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“ граѓаните само ја потврдија веќе докажаната хуманост. Распродадените билети до последното седиште во Центарот за култура говорат за високото ниво на свесност на кумановци за потребите на другиот, за несебичната поддршка, подготвеност и способност да се споделуваат чувствата.
Хуманитарниот концерт „Куманово пее за Александра“ го организираше Асоцијацијата за култура и уметност Мулти Арт со поддршка на Телевизија Плус.
Над двасет музичари од Куманово и земјава со изведба на македонски песни дадоа свој придонес за обезбедување на поквалитетен живот на нашата млада сограѓанка.
Дечињата, учесници на фестивалот „Бисерчиња“, кој што, исто така е во организација на Мулти Арт и ТВ Плус, со песната „Македонско девојче“ го најавија почетокот на синоќешниот двочасовен концерт.
