ВИДЕО: Кумановци во еден глас заедно со Тајзи ги пееја големите хитови на градскиот плоштад
Фондацијата за култура и спорт Куманово изминатите денови реалзираше богата новогодишна културно-уметничка програма во пресрет на 2025 година. Во петокот во Занаетчиски дом, новогодишен концрет одржа оперскиот пејач Дарко Тодоровски. Публиката имаше можност да ужива во популарни новогодишни и божиќни хитови, евергрини и џез класици од познатите светски изведувачи, Френк Синатра, Дин Мартин, Елвис Присли …

Во саботата, на градскиот плоштад забавно шоу за најмалите, со атрактивни точки, жонглирање и пантомима приреди Дарко Ѓурчиновски, по што пристигна Дедо Мраз, пречекан од дечињата со песна и игра.
Забава имаше за сите возрасни групи. Следуваше блок со музички точки за повозрасните, со настап на музичката група Дупер, кои се претставија со поп рок песни пред публиката.
Се забавуваа и тинејџерите со програмата на Tин камп, но дефинитивно празничната музичка манифестација кулминираше со настапот на Тајзи, омилениот рап изведувач кај младата популација, кој и покрај студеното време не се штедеше и повторно пред публиката ја покажа својата големина како човек. Не штедеше ниту зборови и благодарност кон публиката која заради концертот смрзнуваше на градскиот плоштад.
Чувај ми га боже, Пишано е, Дај ми само ден, Куманово, се само дел од големите хитови кои публиката ги пееше во еден глас заедно со Тајзи.
