ВИДЕО: Меѓународен атлетски митинг на полигонот Соколана
На атлетскиот полигон Соколана денеска по повод претстојниот празник 11 Октомври се одржа десеттиот Атлетски митинг во организација на Атлетски клуб Куманово, а во соработка со Атлетската федерација на Македонија и Општинскиот сојуз на спортови Куманово. Јубилејниот митинг традиционално е меѓународен со учесници од атлетски клуб од Бугарија, а годинава освен официјалната атлетска програма и трчање за семејна штафета, повторно е вратена детската програма односно натпревар за деца до 14 години.
– Имаме 45 деца од различни клубови од државата и 50 учесници во главната атлетска програма меѓу кои и атлетски клуб од Бугарија што традиционално доаѓа неколку години за учество на овој митинг. Имаме целокупна програма од технички дисциплини, скок во височина, скок во далечина, фрлање ѓуле, тркачки дисциплини, и она што е шлагот на на овој натпревар -семејна или фамилијарна штафета каде што учествуваат тројца членови на едно семејство. Од натпреварувачки карактер е, сите дисциплини па дури и фамилијарната штафета. Се потрудивме оваа година да има поголем стимул во смисла на награди и да биде едноставно целосната организација малку повпечатлива. Атлетската федерација на Македонија не само што помага со ресурси, најбитно помага и со електроника што дава валидно мерење и со луѓето што се специјализирани за раководење, а и на секаков начин имаме добра соработка, затоа и непречено го одржуваме атлетскиот митинг, изјави Филип Колевски, претседател на АК Куманово и на Општинскиот сојуз на спортови Куманово
Атлетскиот клуб Куманово се вбројува меѓу најуспешните клубови во државата со оглед на постигнатите резултати на досегашните натпреварувања.
Освен атлетски митинг, од денеска до 10-ти октомври ќе се одржи турнир во тенис за деца до 14 години, на тениските терени кај спортската сала.
За утре е предвиден Меѓународниот куп „11-ти Октомври“ во спортско риболовство, на езерото Гоого-Монт, со што клубот воедно прославува и јубилеј од 70 години постоење, а пак здружението „Козјак“ ќе го реализира својот 24-ти Меморијален марш Појак Калман на релацијата Степанце – Врв Китка и обратно. Истиот ден ќе се одржи и турнир во одбојка во женска конкуренција, во спортска сала на ООУ „Христијан Карпош“.
На 11-ти октомври ќе се одржи турнир во ракомет, турнир во пинг-понг и велосипедската трка „ТРОФЕЈ 11-ти Октомври“.
Сите спортски активности се во организација на Општинскиот сојуз на спортови од Куманово.
