ВИДЕО: Митрички: Училиштата треба да бидат ослободени од стегите на политичките препукувања

Портпаролот на општинската организација на СДСМ, Александар Митрички денеска одржа прес-конференција во врска со, како што кажа, случувањата во кумановските основни училишта.

„Како политичка партија се надеваме дека нашите наставници и дечињата ќе бидат ослободени од стегите на политичките препукувања, како и од политикантскиот и тенденциозен однос на општинските власти“, рече Митрички.

Во продолжение изјавата од Митрички во целост:

-Општинското основно училиште „11 Октомври“ доби нов директор, односно директорка, на која и посакуваме успешна и плодна работа. Во август, оваа година, согласно Закон за основно образование беше распишан оглас и беше спроведена постапка за избор на директор. Одлуката на Училишниот одбор за избор на директор во законски рок беше доставена до градоначалникот,  кој поради целосно тенденциозни причини истата не ја потпишува, односно не го назначува избраниот директор. При тоа, градоначалникот дава целосно несериозно образложение за непочитувањето на одлуката, во кое најпрвин се вели дека е на одмор,  а подоцна како причина наведува  некаква петиција во училиштето. Со ова уште еднаш, градоначалникот на општината покажува непознавање и непочитување на Законот за основно образование, според кој, изборот на директор го врши исклучиво Училишниот одбор, а градоначалникот е должен таа одлука да ја почитува.  Поради тоа што одлуката на Училишниот одбор во основното училиште „11 Октомври“ не беше потпишана од страна на градоначалникот, согласно Законот, истата беше доставена до министерот за образование и наука, кој  почитувајќи ги сите законски прописи  го назначи избраниот директор на училштето.

За разлика од ова училиште , во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ за период од неполни 3 години се сменети дури 7 в.д.директори. Минатата година, во ова училиште на распишан оглас од страна на училишниот одбор имало пријавен само еден кандидат, кој ги исполнувал сите услови за избор на директор. По целосно спроведената постапка, иако ги исполнува сите услови, училишниот одбор без образложение не го избира единствениот кандидат. Во август, оваа година, истото сценарио: УО повторно распишува оглас за избор на директор, каде се јавува само еден кандидат, кој ги исполнува условите и кој повторно, без никакво образложение не е избран.

УО на ООУ „Крсте П. Мисирков“ очигледно е на ставот дека поставувањето на в.д.директори и нивното постојано менување е подобрата опција,  иако во самото училиште постојат наставници кои имаат положено испит за директор.

Се поставува прашањето: Дали на тој начин некој сака директорите постојано да работат под притисок и под нечија директива? Сите овие превирања и постојани промени во раководствата на училиштата директно ги засегаат и нашите деца, кои се иднината за која секојдневно се бориме.

Како политичка партија, сметаме дека јавноста треба да биде запознаена со случувањата во основните општински училишта и се надеваме дека нашите наставници и дечиња ќе бидат ослободени од стегите на политичките препукувања, како и од политикантскиот и тенденциозен однос на општинските власти.