СВР Куманово и годинава спроведува превентивна кампања со цел да им се укаже на граѓаните од можните последици од употреба на петарди и други пиротехнички средства. Глоба од 200 до 500 евра за секој кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозив или лесно запалив материјал, предвидува Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, информираат надлежните.
-Се преземаат репресивни мерки за употреба на петарди и други пиротехнички средства и им се укажува на граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба. Во текот на минатата година полицијата запленила вкупно 1.549 парчиња петарди, додека во 2019-та година биле запленети 1.182 парчиња. Против сторителите се поднесени соодветни пријави. Апелирам до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства за време на предновогодишната ноќ и новогодишната ноќ бидејќи со употреба на пиротехничките средства си го загрозуваат животот и здравјето на самите себе, но и на другите, вели изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Од полицијата апелираат до граѓаните доколку некој им понуди пиротехнички средства тоа да го пријават на телефонскиот број 192.
Инаку, согласно Кривичниот законик, за тој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, следува казна затвор од 3 до 10 години, а ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.
