Од први ноември годинава кумановските пензионери со ниски пензии ќе може да користат бесплатен јавен превоз. Пријавувањето се уште трае, а сите заинтересирани кои што имаат пензија до 13.000 денари може да ги поднесат потребните документи во просториите на здружението на пензионери „Куманово“. Јавниот превоз на пензионерите го субвенционира општина Куманово, со одлука на Советот, а се спроведува во соработка со локалните превозници. Досега над 350 пензионери пројавиле интерес за бесплатниот превоз.
– Овој проект ние го менаџираме и го правиме заедно со локалната самоуправа. Првиот пат во 2020-та имаше над 400 лица што користеа градски превоз. Потребно е пензионерот ако навистина има потреба за користење на превоз да донесе фотокопија од лична карта и пензиски чек, ние ќе му направиме билет и тој ќе го користи превозот бесплатно, секојдневно користење на овој превоз. Голема благодарност до градоначалникот, Советот на општината што ни излегоа в пресрет да го реализираме проектот заедно, а сето тоа во функција на ублажување на состојбата на пензионерите бидејќи доделуваме билети на оние кои што се до 13.000 денари висина на пензија, значи оние кои што се најзагрозени, рече Благе Јакимовски, претседател на здружение на пензионери „Куманово“
Освен бесплатен јавен превоз за пензионерите, градоначалникот Максим Димитриевски во својата предизборна програма вети и проширување на капацитетите на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ на локација во селото Проевце, континуирано подобрување на условите во постоечките капацитети на домот за стари лица, како и организирање на културни, спортски настани и екскурзии за пензионерите.
Инаку, она што им недостига на пензионерите во Куманово, велат од здружението е сервис за домашна нега на старите лица, кој би функционирал континуирано, а не само преку проекти на определено време.