ВИДЕО: Основците со пораки до возачите по повод Светскиот ден на детето

„Детето нема сопирачки„, „ Секое дете заслужува да му се радува на животот“, „Секогаш поминувај на зелено“ се само дел од пораките кои што учениците од кумановските основни училишта денеска од градскиот плоштад ги упатија до возачите. Активноста по повод Светскиот ден на детето- 20 ноември, е во организација на Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово и Општинскиот совет за превенција на дестко престапништво.

-Настанот е на ниво на основните училишта, децата делат флаери и пораки до возачите како да постапуваат во сообраќај, ги делат на граѓаните да се крене свеста за нивна безбедност во сообраќајот. Нашите деца се одраз на нашето воспитување, треба да водиме грижа, ова е малку време-невреме каде што многу се под влијание посебно на социјалните медиуми, треба да внимаваме каде се движат децата, со кого се движат и најмногу да внимаваме што прават на медиумите кои се многу достапни за децата. Влијанијата, најчесто негативни, се од таму. Затоа децата треба да бидат зенит на нашето дејствување и да внимаваме на нив, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово

Секој 20-ти ноември се одбележува Денот на детето. Целта на овој ден е да се потсетиме на сите тешкотии со кои се соочуваат децата во светот и да размислиме за тоа како да им помогнеме. Светската организација за подобро детство ги потсетува државите, невладините организации и институциите дека сè уште има деца кои живеат во лоши услови, а тие имаат влијание врз нивниот раст и развој во животот. На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето.

Коментари

коментар(и)